Писмо до министерот за внатрешни работи А. Димитров | ||||||||
ПРВО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ До Господинот „земјоделски“ министер на Внатрешни работи Ал. Димитров – во Софија. (Копие до г. г. другите министри, шефовите на партии, главните редактори на главните весници, видни општественици во Бугарија и други). Господине Министре, Од пред неколку месеци го напуштив Царството, угнетувано од тиранскиот режим, натрапен од Вашите другари и Вас, и заминав во мојата поробена татковина Македонија, каде ќе го исполнам, како што јас разбирам, својот долг кон несреќните сонародници. Ако мислевте, навистина, дека имате основа да се плашите од мене, додека бев во Бугарија, бар тука, се надевав, да ве ослободам од грижи од мене Вас, Вашите другари и вашите органи и орудија – јавни и тајни полицајци, комесари за згрижување на бегалците и други слични, кои што имаат не малку работа таму во Царството, ако сакаат да ги исполнат совесно своите служби ..., бидејќи мојата дејност тука, вон од пределите на Царството, ги засега исклучително поробеното население и српските и грчки власти. Каква беше мојата зачуденост, меѓутоа, кога дознав за мерките, кои што ги замислувале да ги преземете внатре во поробена Македонија! Сте помислиле, се гледа, дека сте го уредиле наполно внатрешното управување на Бугарија и ги сметате границите на Царството за тесни за својот полициски талент, или ги сметате српската полиција и војска за неспособни или недоволни да се справат сами со своите внатрешни непријатели, па се јавувате Вие – кој знае за какви интереси – со своите органи во услуга на „братска“ Србија – на Србија на Пашич и Александар, која што ги згази договорите со Бугарија од 1913 година и го заграби подло срцето на бугарска Македонија, кога во 1919 година го задржа заграбеното и й ги одзеде на Бугарија Струмица, Цариброд, Босилеград и др. бугарски покраини и се надвисна над престолнината на Царството речиси на пушчен истрел! ... со намера покасно да заграби до реката Искар или да излезе на Црно Море, горејќи ги сите бугарски книги и уништувајќи ја бугарската интелегенција.... Веќе неколку седмици наваму Ваши чиновници, инспектори, јавни и тајни полицајци, се растрчале по Софија, Ќустендил и на други места да собираат исфрлени од порано нејзини бивши членови за разни злосторства, како: убиства, грабежи, изнудувања, злоупотреба на пари и др. сл. од редовите на Организацијата – и да убедуваат и поткупуваат мои другари таму, како и многумина симпатизери на Организацијата, за да формираат и испратат чети од Бугарија, со цел тука да ме убијат. Залудни напори: организираното населеление тука сигурно ќе умее лесно да се справи со тие натрапници, како што тоа се правело не еднаш во минатото! Според најсигурни информации главното Ваше орудие во таа злосторничка акција е Ѓорчр Петров, назначен од Вас за претседател на комисијата за бегалците, доскорашен самонаречен претставник на бившата Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација и познат на бугарското општество и македонските средини под прекарот „Ѓавол на Организацијата“. Бугарското општество би се потресло, ако ги изнесам сите факти, кои ми се познати, за таа Ваша злосторничка замисла, и тоа: организирањето на група на детективи во чета, која што веќе ја добила војничката опрема и сите инструкции; обидите за назначување на специјален човек по границата, задолжен со мисија да го олесни влегувањето на проектираната хајка во моите траги тука; полуофицијалната изјава на еден Ваш пограничен администратор, дека најголем триумф за Вашата влада би било моето убиство и сл... Знам, дека за да го оправдате своето злосторство пред оние пристојни луѓе, кои сеуште останале покрај Вас, сте ја пуштиле интригата, дека јас сум правел завера, заедно со демократите, против ценетиот живот на министрите, со цел да падне сегашниот кабинет, за да биде заменет со демократски. Таа клевета ја оставам на Ваша сметка, бидејќи сите знаат, дека јас не и припаѓам на никоја бугарска партија и нема да влезам во партија до ослободувањето на Македонија. Но што се однесува до Вашите обиди да праќате чети во Македонија, кои што ќе бидат во служба на нејзините поробувачи, јас не можам да ги одминам молкум и го сметав за свој долг да Ви го упатам ова писмо. Се разбира, јас не си правам илузија, дека Вие и Вашите другари ќе се вразумите и ќе престанете да ги правите тие лудории, трошковите за тоа ќе ги плаќа бугарскиот народ, плаќајќи ги скапо Вашите „подвизи“ кај Добро-поле, Радомир и Владаја, - а го испраќам ова писмо, за да се осветли свесниот дел од бугарското општество за новите „подвизи“, кои што му ги готвите. Знајте го следното: никој не може да ми го одземе правото да располагам со својот живот како што ќе најдам за добро, и во рамките на моите можности и сваќања да и служам на мојата поробена татковина.. Кој ќе се обиде да го стори тоа, уверен сум, - благодарение на закрилата на Провидението и на поддршката на организираното македонско население, - во секој случај ќе си ја скрши главата. Х ..............., Септември 1920 год. Со почит: Тодор Александров |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||